Македонија
Меморијален настан во чест на Радован Павловски на Струшките вечери на поезијата
Во спомен на големиот македонски поет, Академик Радован Павловски во рамки на Струшките вечери на поезијата се одржа меморијален настан. За ликот и делото на „принцот на метафората“ зборуваше Академик Влада Урошевиќ.
„Можам да речам, сега, уште на почетокот, дека Радован Павловски е еден од најголемите поети што пишувале на македонски јазик. Но, ја чувствувам оваа формулација како недоволна. За да се биде поблиску до вистинските димензии на неговата големина треба да се рече дека тој е една исклучителна фигура во македонската култура – и по својата поетска вдахновеност и по својата животна определба. Всушност – тие две страни на неговата личност во многу нешта се поклопуваат, исцртувајќи една единствена линија која тече, доследна на себеси, од првите објави на поетот до последниот негов здив.“, рече Урошевиќ.
Академик Урошевиќ истакна дека споменот за Радован Павловски сака да го фокусира со темите врзани за родителскиот дом, на неговата сигурност, но и на предизвиците што ги поставува светот што се шири наоколу, на темите на одделувањето од домот, на лутањата и на гладот по бескрајот, на темите за задомувањата и за раздомувањата.
„Последните години Радован Павловски ги минуваше осамен, стеснет во едно бедно изнајмено собиче, притиснат од болеста и од вечниот недостиг на средства за живот. Немаше никој да се погрижи за него, да му помогне. А во него, до крајот, тлееше желбата да има свое живеалиште, свое засолниште. Дали тоа беше носталгија по родителскиот дом, по рајскиот предел на детството, по големиот сеопфатен дом на природата која му дава своја закрила на детето? Му се јавив, неколку дена пред смртта, да му речам дека негова книга, голем избор од неговото поетско творештво, за неколку дена треба да излезе во Москва. Се израдува и потоа ја повтори својата поплака: „Јас немам никаква лична сопственост“. Неговите зборови изразуваа едно длабоко разочарување и во нив имаше и тага, и протест, и очајание. Не наоѓав одговор на ова ламенто. „Ти ги имаш твоите песни“, се обидов да го утешам. „Тие не се моја сопственост, тие се веќе општа сопственост која им припаѓа на сите“, одговори горделиво, но и со една горчливост во гласот. Тоа се последните негови зборови што ги паметам“, раскажува во својот емотивен говор академик Урошевиќ.
Радован Павловски е роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река каде што го поминува своето детство и завршува основното образование, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а како и на Сојузот на писателите на СФРЈ.
Почина на 84 години, во февруари годинава.
-
Гостиварпред 2 месеци
Курсна листа на НБРМ и приватните менувачници во Гостивар
-
Македонијапред 1 месец
Денеска е Летник
-
Гостиварпред 3 месеци
Се потсетуваме, најсреќните на Водици во Гостивар кои го извадија крстот од Вардар
-
Македонијапред 3 месеци
Србите го слават Свети Сава – Национален празник на српската заедница во земјава
-
Македонијапред 1 месец
Денес е Прочка – Проштевајте и побарајте прошка од оној на кој сте му згрешиле
-
Гостиварпред 2 месеци
Објавен повик за невработени-По 6.000 евра грант за да си отворат бизнис
-
Вестипред 2 месеци
Историјат на Осми март – Празник посветен на правата на жените
-
Што, како, каде?!пред 3 месеци
ШОУ: Легендарните „Солза и Смеа“ доаѓаат во Гостивар