Поврзи се со нас

Македонија

Руралните жени полека стануваат видливи – бројките сè уште поразителни

Објавено

на

Дури 56 отсто од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка што им се нудат, а работат и по 11 часа на ден. Оваа нивна работа никаде не е евидентирана, ниту е платена. Една од основните пречки поради која руралните жени не бараат работа или не основаат сопствен бизнис, е тоа што нема кој да им ги чува децата, но и имотот се уште му припаѓа на мажот, односно го наследуваат машките членови во семејството.

Како што велат од Рурална коалиција, жената од руралните средини не учествува во донесувањето одлуки во домот, а уште помалку во месните заедници. Од 270 месни заедници во 17 општини, жената како претседателка може да се сретне само во три. Советите на општините се уште се доминантно машки тела. Влијанието и учеството на жената во политичкиот и јавниот живот е сведено на минимум за што зборува и фактот дека од 350 жени во руралните средини, само три отсто или десетина жени биле во општината да поднесат иницијатива или учествувале на јавна седница на Советот на општината. Ваквата состојба, според Рурална коалиција, најреално е претставена и со податокот дека од 80 општини и Градот Скопје, само две жени се градоначалнички.

Поразителен е и податокот дека дури 84 проценти од жените во руралните средини за време на КОВИД пандемијата бележат намалување на економските приходи од земјоделските активности, додека нивните производи и натаму остануваат непродадени.

-Иако сме во период на изготвување нови стратешки документи и закон за родова еднаквост, жените од руралните средини се спомнати само начелно и тоа најчесто како земјоделки, а не сите жени во руралните средини се занимаваат само со земјоделство. Кога сме кај законската регулатива, тука би ја спомнала и законската пречка во законот за здравствено осигурување кој не им дава можност на жените од руралните средини регистрирани согласно законот за пензиско и инвалдиско осигурување, да користат породилно боледување или боледување при повреда на работа односно на нива, вели извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Јоноски ја најавува т.н. рурална мартовска акција под мотото „Ги нема жените, го нема напредокот“ која, како што потенцира, се организира и одржува токму поради горенаведените причини.

Акцијата, обаснува, ќе ги опфати жените, мажите, но и локалните чинители, особено општините во пет различни плански региони: Југозападен, Југоисточен, Полошки, Пелагониски и Североисточен.

-Пораката, дека ако ги нема жените ќе го нема ниту напредокот, ниту одржливиот развој во локалната заедница, првично ја испративме од општина Радовиш од каде ја стартувавме акцијата, а воедно ги засиливме и нашите редови со потпишување Меморандум за соработка со Женска Акција Радовиш. Кон акцијата ни се придружуваат и жените од првиот онлајн женски пазар „Наша тезга“. Тие ја испраќаат пораката за нивно економско јакнење, но испраќаат и порака преку ширење на осмомартовските торби со органски изработени козметички производи за нега токму набавени од платформата, истакнува директорката.

Руралната мартовска акција продолжи вчера со жените од руралната општина Старо Нагоричане, како и со одржување информативна сесија за можностите за нивно економско јакнење и за механизмите за вклучување во процесите на донесување одлуки во локалната заедница.

-Денеска ќе се приклучиме кон генералниот марш во Скопје како членки на Платформата за родова еднаквост под мотото „Сиромаштијата има женско лице“, а утре ќе зборуваме за можностите за развој на социјалното претприемништво преку „Наша тезга“ во Центарот за социјални претпријатија во Скопје со жените пратенички во Собранието на РСМ. На 10 март продолжуваме во селото Тумчевиште, Гостиварско, од каде, исто така, ќе ги испратиме пораките за економско, социјално и политичко јакнење на жените од руралните средини, а на 11-ти ќе го претставиме новиот проект што ќе се спроведува во наредните 15 месеци, а ја разработува темата како со ЕУ знаење да ја подобриме родовата еднаквост во руралните средини, подвлекува Јоноски.

Таа уште еднаш напоменува дека жените од руралните средини имаат клучна улога во производството на храна, но и во креирањето одржлив развој во локалната заедница.

-Токму тоа е и главната порака што годинава ја испраќаат и Обединетите нации, а Меѓународниот ден на руралната жена, 15 октомври, се одбележа мотото „Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за сите нас“, вели Јоноски.

„Наша тезга“ – платформа која им овозможува на руралните жени да ги пласираат своите производи онлајн

Ако нема онлајн земјоделство, има онлајн пазар, има виртуелни тезги, има приказни и животни стории на нашите жени од руралните средини, потенцира директорката на Рурална коалиција, осврнувајќи се на овој прв интернет пазар наменет токму за жените од руралните средини.

„Наша тезга“ профункционира кон крајот на минатата година и веќе има над 100 жени членки кои го промовираат домашното производство на храна од сите осум плански региони. На страницата може да се прочитаат и нивните животните приказни, да се научи повеќе за традицијата на нашето домашно производство.

До „Наша тезга“ може директно да се пристапи преку https://www.nasatezga.mk/ каде што воедно може и да се купат производи со што директно се придонесува за економско јакнење на рурланите жени.

-Со тоа всушност придонесуваме и тие да излезат од сенката на невидливоста и неформалната економија, но и го поддржуваме домашното производство на храна. На палтформата може да се најдат  најразлнични, нови, иновативни, интересни, но пред се здрави производи, како чипс од лешници, чипс од јапонски јаболка, сушени јаболка со цимет, природен чај од нашите планини, џемови, мармалади, сокови, мед и други пчелини производи, природна козметика, рачни изработки, сирења, кашкавали,… Ваквиот онлајн пазар се градеше повеќе од година и половина, а богатата понуда на земјоделски производи и преработки може да се види низ посетата на повеќе од 100 виртуелни тезги или профили на жените од
руралните средини кои што се дел од платформата, напоменува Јоноски.

Зголемување на поддршката за руралните жени од 3 000 на 6 000 евра

Владата денеска на седница треба да ја донесе новата Програма за рурален развој со која стопроцентно се зголемува поддршката за руралните жени, од 3 000 на 6 000 евра.

Како што најваи вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, се работи и на две нови програми за подршка на земјоделските стопанства во кои ќе се вклопат и руралните жени.

-Нашата цел е да ја видиме руралната жена почитувана и силна. Силно ве охрабрувам да продолжите да создавате од едно – две. Продолжете да креирате производи со додадена вредност и на тој начин да ги јакнете земјоделските стопанства, но и регионите во кои работите и живеете. Заедно, да продолжиме понатаму да дејствуваме, порача Николовски пред презентацијата на Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правото за користење платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци.

На презентацијата стана збор за остварувањето на правото руралните жени да користат платено родителско отсуство и боледување.

-Ова право е наменето за сите регистрирани земјоделци и јас во мое лично име и во името на МЗШВ давам силна поддршка да се изнајде правен механизам и конечно вистински да ја заштитиме оваа категорија граѓани. Тоа се луѓето кои ја обезбедуваат нашата храна. Тоа се жените од руралните средини кои со своите раце ги произведувааат најубавите специјалитети, традиционални локални и регинални производи, жените кои развиваат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија. Да не заборивме дека тоа се луѓето кои немаат работно време, за нив денот трае од утро до мрак. Навистина, создадени се сите услови конечно да ги остварат своите права кои ги имаат сите останати работници, право на одмор, боледување и платено родителско отсуство, потенцира министерот и изрази надеж дека наскоро ќе бидат промовирани и донесените законски решенија со кои, нагласи, максимално ќе се подобри социјалниот и економскиот статус на земјоделците.

Во 2019 година, потсети Николовски, една година по потпишувањето на Декларацијата за подобар статус на руралните жени, веќе беше објавен повик за мерката „Рурална жена“. Беа одобрени 250 договори за грант од по 3 000 евра. Но, со силна ангажираност на Платежната агенција, наместо планираните 100, обезбедени беа средства за 250 жени со кои се потпишани договори во вкупна вредност од близу 40 милиони денари. Оваа мерка, рече министерот, беше креирана наменски, како поддршка на руралните жени, да се охрабрат и активно да учетсвуваат и да придонесуваат во општеството.

-Жените покажаа дека знаат како секој денар вложен во нив, да го вратат двојно во општеството. Има одлични примери на терен како се средствата и поддршката искористени. Жените кои добија неповратен грант од Платежната агенција, веќе создаваат финални производи – дел произведуваат мед, џемови, пчелини производи, произведуваат сточна храна, доматно пире, произведуваат квалитено домашно сирење и кашкавал, сушат овошја и зеленчук кои сами го произведуваат, преработуваат месо, со еден збор, овие 250 жени веќе создаваат финални производи и директно влијаат на локалната економија, на равојот на нивните рурални средини, а дел размислуваат и за зголемување на капацитетите. Овие жени со помош на грантот од Платежната агенција директно влијаат на економскиот раст, на рамномерниот регионален развој, потенцира министерот и укажа дека од 2019 година, кога страртуваше мерката „Рурална жена“, бројот на жени земјоделки – носители на земјоделско стопанство, постојано расте.

Во 2019 година биле регистрирани 36.048 жени, а денеска тој број изнесува 38.588 или 22,2 отсто од вкупно евидентираните земјоделски стопанства. Ова значи, посочи министерот Николовски, дека е забележано зголемување за 2 540 жени кои регистрирале земјоделско стопанство.

Сподели ја веста:

Маркетинг

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

Гостиварпред 1 месец

Света архијерејска Василиева литургија во Гостивар со гости од Србија и чин на ракоположување

Гостиварпред 1 месец

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 3 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 4 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 5 месеци

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 5 месеци

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

Гостиварпред 8 месеци

Стефановски: Гостивар одличен како домаќин и публика, благодариме од срце!

Спортпред 8 месеци

ФК Гостивар загуби на домашен терен од Силекс 1-2

Гостиварпред 9 месеци

Осветена црквата „Св.Климент Охридски“ во Пожаране: Да го чуваме православието, секој храм е парче небо на земјата!

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена