Второодделенците од ООУ „Гоце Делчев“ во Гостивар учествуваа во спортски игри под мотото ,,Избери го вистинскиот спорт”.
Проектот, што го спроведува Сојузот на спортски федерации на Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Факултетот за физичко образование, има за цел децата од одделенска настава да се мотивираат и преку забава да се едуцираат за различните спортови со кои потенцијално може да се занимаваат. Преку активноста се подигнуваат свеста и самодовербата кај учениците и се создаваат здрави навики и начин на живеење, велат организаторите.
Спортските игри ги водеа советник по физичко образование од Бирото за развој на образованието, професори и студенти од Факултетот за физичка култура, како и наставници по физичко образование и одделенска настава.
По завршување и презентација на спортските содржини, училиштето доби донација на спортски реквизити за потребите на наставниците од одделенска настава при одржување на часовите по физичко образование.