Новата учебна година ќе започне на 1 октомври. Децата од прво до трето одделение ќе ја следат наставата со физичко присуство во просториите во училиштето, но дадено е право на избор за следење на наставата на далечина, со писмено изјаснување на родителите. Исто така, во сите училишта кои ќе обезбедат услови за безбедно физичко присуство на учениците, наставата ќе може да почне во објектите.
Министерката за образование, Мила Царовска ги повика oпштините заедно со директорите на училиштата кои сметаат дека ги исполнуваат условите за настава со физичко присуство, да достават барање најдоцна до 10 септември. Посебна Комисија ќе ги разгледа нивните барања и ќе оцени дали ги исполнуваат условите.
Министерката рече дека во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење на далечина, наставникот може додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина, да го сними наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина, да изготви печатени материјали за родителите но исто така може да одржи час и само за учениците кои следат настава од далечина.
Наставниот час во основните училишта ќе трае 30 минути а во средните училишта 35 минути. Оваа учебна година, водејќи сметка за квалитетот на образовниот процес кој ќе се одвива на далечина, министерката Царовска посочи дека е предвидено проверката на знаењата на учениците да се врши со физичко присуство на учениците во училиштето.