Поврзи се со нас

Вести Гостивар

Во Гостивар промовирана стихозбирката „Алтани и други“ од Александар Михајловиќ

Пред љубителите на пишаниот збор, вчеравечер во Гостивар беше промовирана стихозбирката ,,Алтани и други“ од гостиварецот Александар Михајловиќ. Се работи за дебитантска книга на авторот која содржи 45 песни, а е издадена со поддршка на Министерството за култура, како дел од Програмата за финансирање на проекти од национален интерес во културата.

Поетот откри дека темите и мотивите кои творечки го преокупираат се љубовта, секојдневието, природата, а со своите стихови сака да ја пренесе следната порака: Да бидеме пример за другите, да се сакаме, да шириме позитивна енергија, што повеќе да читаме и да се пронајдеме себе си во стиховите.

Рецензиите за стихозбирката ги напишаа Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Универзитетот во Будимпешта, Унгарија и Дејан Крстески, писател, кој дел од рецензентската белешка презентираше и на промоцијата.

-Сите песни се одликуваат со искрени чувства, немирен восхит од неминовноста и интимните доживувања. Сетоа тоа ставено во функција на естетиката е едно од најважните нешта што еден поет треба да го има за да допре до читателот. Александар очигледно го има. Преку својата зборовна игра и посебност тој ненаметливо се обидува да ја пренесе својата порака. А посебноста има посебна цена. Тој ја плаќа со својата искреност и тажната нота, која се провлекува низ неговите стихови. И покрај тоа, на читателот директно му посочува дека: „После дожд секогаш доаѓа светол ден и небо сино…“- рече Крстески.

Присутните на промоцијата имаа можност да слушнат дел од стиховите во „Алтани и други“ во интерпретација на Емилија Србиноска и Билјана Дејановска.

Александар Михајловиќ е роден 1971 година во Гостивар, каде завршил гимназија, а школувањето го продолжил во Скопје на Педагошкиот факултет, отсек – одделенска настава. Работи како наставник во основно училиште.

Поезија пишува две децении. Негови стихови се објавени во заеднички збирки од поетски фестивали и електронски портали. Неговата поезија беше наградена со второ место на Меѓународниот поетски фестивал ,,Литературни искри,“ во Гостивар во 2018 година. Активен е онлајн преку сопствениот блог за поезија climberpoem.blogspot.com.

Advertisement
Остави коментар

Напишете коментар

Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Популарно