Македонија
За да нема препишување, државната матура ќе се полага во холовите или спортските сали на училиштата
Оваа учебна година државната матура наместо во училници ќе се полага во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.
Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.
Целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година (не е дозволено: користење какви било дополнителни средства – учебници, хартија, мобилни телефони и други електронски уреди, консултација со другите матуранти, препишување, недолично однесување кон други лица во просторијата, пишување недолични знаци на тестот или текст кој го открива идентитетот и слично).
„Очекуваме оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата ќе бидат генерално поверодостојни“, изјави за МИА Билјана Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ) кој го организира и спроведува полагањето на државната матура.
Работна група на ДИЦ, во која учествувале и претставници од Министерството за образование и наука, ги контактирала сите средни училишта и собрала податоци за нивните просторни услови и според нив најголемиот дел од училиштата имаат доволно големи простории за своите ученици.
„Само мал дел од училиштата немаат доволно простории и дел од матурантите од тие училишта ќе полагаат во најблиското училиште во кое има услови за полагање,“ додава Михајловска.
За предлозите за воведување блокатори на сигнали на мобилни телефони, директорката на ДИЦ вели дека без оглед дали во испитната просторијата има или нема блокатор, матурантите воопшто не смеат да користат електронски уреди во текот на испитот, така што блокаторите би го спречиле користењето на мобилните телефони за препишување и споделување информации во ситуација кога тестаторот не го забележал или го игнорирал прекршувањето на правилата.
Двата екстерни испита од државната матура во јунската сесија оваа година ќе се полагаат на 1 јуни – задолжителниот испит (македонски јазик, албански јазик и турски јазик) и литература и на 8 јуни – изборниот испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика).
На веб-страницата за државната матура веќе се објавени збирки задачи и прашања за сите наставни предмети кои се полагаат на екстерните испити.
За полагање на годинашната државна матура се пријавени 14 838 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 10 093 за албански јазик и литература, 4189 кандидати за турски јазик и литература. За вториот (изборен) екстерен испит пријавени се: 315 кандидати за математика, 13 199 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 104 за германски јазик, двајца кандидати за руски јазик, еден за филозофија и 84 за естетика.
-
Гостиварпред 3 месеци
Стани успешен техничар за е-трговија, дигитален маркетинг и угостителство, сметководител, банкар, правник – запиши се во СЕОУ Гостивар
-
Видео емисиипред 3 месеци
Гледајте денес – Видео интервју со д-р Стојо Бошкоски
-
Гостиварпред 3 месеци
Гостиварецот Гоце Димовски нов директор на Дирекцијата за ТИРЗ
-
Гостиварпред 1 месец
Преполно инфективното одделение во Гостивар, труењата со храна зачестени
-
Гостиварпред 3 месеци
MINT fintech group и во Гостивар: Менувачница, Осигурување, Инвестициски решенија, Дигитални плаќања, Кредити..
-
Гостиварпред 2 месеци
Жител на Добридол измамен за 2700 денари на пазар во Тетово
-
Рецептипред 2 месеци
Наједноставниот рецепт за плескавици од тиквички е сѐ што ви треба во овие топли денови за супер брз ручек и совршен вкус!
-
Гостиварпред 3 месеци
Долга традиција на незаменлив вкус, „Ла Шишко“ со нов локал во Гостивар