Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, бројот на активно заразени со коронавирус на гостиварското подрачје достигна 996. Секојдневно се регистрираат двоцифрени бројки на нови случаи.
Пандемијата донесе низа проблеми и предизвици во медицината и за лекарите. Како во однос на разграничување на симптомите, упатување за тестирање и други анализи, така и за определување на правилна терапија за секој пациент. Иако, најчесто за лекување на болни од ковид се користат антибиотиците сумамед и панцеф, медицинските лица велат дека не секој заразен има потреба од тие лекови. Во бројни случаи, самите пациенти инсистираат да им бидат препишани овие антибиотици. Низ аптеките во Гостивар изминатиот период има навалица за сумамед и панцеф. Фармацевтите кои ги исконтактиравме велат дека особено се бара сумамедот, а граѓани честопати сакаат и го купат на своја рака, без рецепт.
Лекарите предупредуваат дека земањето терапија своеволно може сериозно да го загрози здравјето и да го искомплицира текот на болеста. „Секој пациент има различни симптоми, тек на болеста, ризици и затоа никако не треба сами да се лечат. Задолжително да се обратат за медоцонска помош и да ги следат препораките и терапијата која ќе им биде дадена од докторот. Ако земаат лекови на своја рака, може да предизвикаат компликации“, велат лекарите.
На ниво на целата држава откако почна пандемијата, пораснат е бројот на издадени рецепти за сумамед за 57% и за панцеф за 17% во однос на лани.