Зрак светлина и хуманост во актуелното црно ковид секојдневие. Хуманитарната организација DAVA од Гостивар спроведува проект за згрижување на бездомници. Наместо на студено по улици, бездомниците или лица кои поради семејни проблеми, насилство не можат да престојуваат дома зимава ќе имаат покрив над главата и живеалиште.
„Изнајмивме два стана, посебно за машки и женски лица, со капацитет од вкупно 14 кревети. Бездомниците и секој кој има потреба од ваков вид на помош, како на пример, некој што трпи насилство дома, избркан од дома, може да ни се обрати и ние ќе го згрижиме. Ги покриваме сите трошоци, и за облека, храна и основни потреби. Во моментов имаме засолнето две лица, а во текот на наредните денови ќе згрижиме уште едно лице. Во иднина планираме да изградиме посебен објект за таа намена, како и поголема кујна, за подготовка на храна за загрозени граѓани“, вели Муса Хусеин, од организација DAVA
Организацијата со својата народна кујна моментално обезбедува оброци за околу 250 сиромашни семејства на подрачјето на Гостивар. Помош може да добие секој на кого му е потребна, без оглед на националната или верска припадност.
„Нашите активности ги почнавме скромно, најпрво со поддршка од кругот на пријателите и блиските, а сега веќе многу луѓе и бизнисмени сакаат да помагаат и донираат. Нашата мисија е во Гостивар и околината никој да не остане гладен, без оглед на нација или вера. Ние сме во постојан контакт со фирмите и за друг вид на помош што може да ја пружат. Така неодамна во една фирма успеавме да вработиме маж и жена од семејство на кое 6 месеци му носевме храна.“, вели Хусеин.
Овие хуманитарци изминатиот период обезбедија и дрва за огрев за зимава за 60 сиромашни семејства. Оние кои имаат потреба од помош може да се обратат во организацијата ул „Светозар Пепоски“ близу „Комуналец“.