Монтажната барака која е наменета за Туристички инфо центар за Гостивар од вчера ја нема на градскиот плоштад. Објектот е дислоциран на простор меѓу зградата на Шумско и Центарот за култура.
Градоначалникот Арбен Таравари, објасни дека тоа го направиле поради реакции на гостиварци на првичната локација, по што општината спровела онлајн анкета, а најголем дел од граѓаните ја предложиле новата локација како најсоодветна.
„Вие знаете дека како општинско раководство ние го слушаме гласот на народот. За сите важни прашања, како развојна програма, буџет и слично организираме јавни дебати за граѓаните да кажат што мислат, нешто што претходно беше мислена именка. За бараката имаше реакции, спроведовме онлајн анкета и од околу 200 граѓани повеќе од половината ја посочија оваа локација, каде сега е преместен објектот“, рече градоначалникот.
На првичната локација на бараката се противеше и гостиварскиот огранок на ДУИ, од каде тогаш реагираа дека го попречува движењето на граѓаните на најфреквентното место во градот.
Објектот доживеа две локации, но не и ставање во функција. Ковид пандемијата го одложи неговото отворање.
Туристичкиот инфо центар е проект вреден над 20.000 евра, а Општина Гостивар го спроведува во соработка со Центарот за развој на Полошкиот плански регион. Финансиран е од Министерството за локална самоуправа и швајцарската Агенција за развој и соработка.
Негова цел е да служи посетителите и туристите да се запознаат со културното наследство на гостиварскиот регион, природните убавини, хотелските капацитети и слично.