Македонија
Дебата: Државна матура или приемен испит на факултетите?

Дали државната матура е успешен концепт или е неопходно повторно да се воведе приемен испит при запишување на факултет и дали на завршниот испит за средношколците му се потребни промени и приспособувања на новото време.
Овие прашања беа отворени на дебата организирана од Американскиот универзитет на Европа – ФОН на која дискутираа негови студенти и претставници на образовни установи, како и двајца поранешни министри за образование и наука – Никола Тодоров и Мила Царовска.
Тодоров, во чиј мандат спроведувањето на матурата беше во почетоците, смета дека таа не треба да биде укината, туку постојано да се евалуира дали концептот е адекватен на потребите на општеството.
„Државната матура е систем кој треба да опстојува, добро е поставен, се развива и не треба да биде статичен. Имаме обврска постојано да правиме евалуација на концептот и дали тој одговара на она што сакаме да го постигнеме во општеството и да ја прилагодиме на барањата на иднината. Државната матура треба да биде тест – што сакаме во иднина да добиеме – дали е потребно само репетитивност на знаењето, дали сѐ да се знае во време кога почна да функционира вештачката интелигенција. Да се обидеме да видиме што ќе се случува во иднината и што ќе бара пазарот – каков тип на знаење и вештини ќе му требаат. Ако ги прашате учениците, тие ќе бидат среќни да не полагаат матура, но барањата на општеството се други и нивните потреби во иднината се други. Не смееме да дозволиме моменталниот став на секој ученик да го загрози општеството во иднина“, рече екс министерот и адвокат Тодоров.
Царовска рече дека матурата е неопходна како своевиден пресек за постигнатото и подготвеноста на ученикот за следното образовно ниво.
„Матурата како нешто што сме го постигнале, мора да остане. Во регионот сме меѓу првите земји кои ја воведоа. Се мериме со другите земји врз основа на нашите достигнувања што укажува дека тоа е постигнат стандард и не смееме да го нарушиме и не би требало да се вратиме чекор назад. На крајот на средното има матура која треба да направи пресек што сме научиле и колку таа генерација е понатаму спремна да се вклучи во високо образование или во технички струки.“, рече поранешната министерка Царовска, основачка и извршна директорка на Асоцијација за одржлив и инклузивен развој.
И Маја Салиу, директорка на средното медицинско училиште во Скопје, смета дека концептот државна матура треба да се задржи како постигнат стандард, но треба да се модифицира според видот на образование затоа што, рече, со постојниот концепт недоволно се оценува стручноста и вештините на учениците во стручните училишта какво што е и медицинското.
„Тоа би значело за стручните, но и за гимназиските училишта. Не секој ученик има исти афинитети. Треба да се има персонализиран пристап на потребите и можностите на ученикот…. Секако, стандардизирани тестови мора да постојат зашто нема поинаков начин да се селектираат голем број ученици“, рече Салиу.
Државната матура во училиштата во земјава почна да се спроведува од 2007 година. Претходната, беше реализирана како пилот-проект во три општини, со полагање Мајчин јазик (македонски, албански и турски) и литература, како задолжителен екстерен испит, и изборен испит од предметите: математиката или еден од четири странски јазици.
-
Бизниспред 1 месец
ЛЕАР Тетово вработува
-
Гостиварпред 2 недели
Девизниот курс денес според приватните менувачници во Гостивар и НБРМ
-
Македонијапред 2 месеци
Православните одбележуваат Велики Петок, тажниот ден на распнувањето на Исус
-
Македонијапред 2 месеци
Зошто Велигден не е секоја година на ист датум – како се пресметува?
-
Македонијапред 2 месеци
Православните верници слават Благовештение
-
Гостиварпред 3 месеци
ОСМОМАРТОВСКИ СО БЕЛИНДА ТУКСАР ЛОТЕСКА, началничка на Отсек за криминалистичко разузнавање, статистика и документирање во ОВР Гостивар
-
Вестипред 2 месеци
Вo Здравствен дом Ростуше дијагностика и интервенции со современа апаратура за пациентите од цел регион
-
Македонијапред 1 месец
Здружението на историчарите бара враќање на Историјата за VI одделение