Поврзи се со нас

Македонија

Долгото чекање термини во јавните, ги „брка“ пациентите во приватните болници

Објавено

на

Долгото чекање за да се дојде до закажаниот термин за специјалистички прегледи во јавното здравство, честопати поради итноста на болеста, ги принудува пациентите да побараат помош преку пријатели за побрзо да го направат потребното снимање, а дел од нив „спасот“ го бараат во приватното здравство каде услугите се поскапи.

На секој вработен, од платата секој месец му се одземаат по 7,5 проценти за здравствено осигурување, но сепак во одредени ситуации секој е принуден да побара здравствена заштита во приватното здравство поради неможност да најде термин во јавното здравство.

Има пациенти, кои и за основни специјалистички прегледи одат во приватните клиники затоа што за првиот слободен термин во јавното здравство треба да чекаат од една до неколку недели, а со месеци се чека за компјутерска томографија или за ПЕТ скен (Позитрон емисиона томографија).

Пациентка која имала проблем со покачен крвен притисок требала да биде упатена на специјалистички преглед, но првиот слободен термин бил дури по три недели. Загрижена за својата здравствена состојба, а поради неможноста да оствари здравствена услуга во јавното здравство, одлучила да закаже преглед кај лекар од приватното здравство.

„Имав покачен крвен притисок и покрај терапијата што пред една година ми ја препиша специјалист интернист. Притисокот не се симнуваше три-четири дена. Се јавив кај матичната да ми даде упат кај истиот лекар кој нели ме води, но ми кажа дека термин може да ми закаже за три недели. На прашањето „што да правам три недели“, ми рече дека ќе ми напише упат, па ако сака специјалистот да ме прими, но без гаранција дека тоа ќе се случи. Поради загриженост за состојбата и постојаниот висок притисок, иако веќе примав терапија, одлучив да заминам на приватен преглед следниот ден“, вели пациентка од Скопје.

И пациенти со хронични болести кои треба да прават редовни контроли, долго чекаат за термин за контрола затоа што понекогаш специјалистот не им закажува термин за следната контрола, туку ги враќа тоа да го сторат преку матичните лекари. Пациент од Скопје кој има заболување на срце сведочи дека понекогаш чека со месеци за следниот преглед, а доколку не може да најде термин, бара приоритетен упат за да ја направи редовната контрола.

Во слична ситуација се и онколошките пациенти кои укажуваат дека поради немањето термин се губи драгоцено време, па понекогаш се принудени потребните испитувања да ги направат во приватните здравствени установи каде услугите се поскапи.

„Ќе тргнам од себеси. Како онколошки пациент пет години, еко и мамографија правам исклучиво приватно. Прво затоа што и верувам на докторката, а второ кај оние докторки кај кои ми беше препорачано, немаше термин. Тоа е постојан проблем. Каде се јавува уште поголем проблем. Мамографијата и ехо на дојка е нешто што е поевтино и сите ние можеме да си дозволиме на шест месеци или еднаш годишно да одиме приватно, но скен на коски, ПЕТ скен, компјутерски преглед, во приватните клиники цените се навистина високи. Познавам пациентки кои земаат кредит или позајмуваат пари доколку докторот сугерирал или се сомневал во нешто и рекол ова мора да се направи побрзо. И секој на кого животот му е доведен во прашање ќе најде начин да се снајде за да направи преглед на приватно ако тоа значи навремено добивање на дијагноза и терапија“, вели Ана Марјановиќ.

Проблемот со пациентите кај кои веќе е дијагностицирана болеста, според Марјановиќ, би се надминал со тоа што во моментот кога се прави контролата,  веднаш се закажува термин за следната контрола.

И претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лилија Чолакова-Дервишова, се согласува со тоа дека специјалистите сами треба да ги закажуваат контролните прегледи кај пациентите со хронични болести.

„Мора да се направат неколку моменти. Прво специјалистот да си го закаже сам контролниот преглед. Има опција ако е некој итен случај, специјалистите сами да креираат термин. За ехо на дојка и мамографија направен е посебен начин на упатување, но имаме случај кај пациентка со наод пратена по сите протоколи како што вели Министерството за здравство, најдено е чворче на дојка, а специјалистот од Скопје ја враќа назад кај матичната докторка за упат за биопсија. Зошто да се враќа пациентката. Новиот начин го правивме за да нема враќање по градови“, вели Чолакова-Дервишова.

Итноста на дијагнозата, според Чолакова-Дервишова, некогаш ги принудува пациентите да побараат помош во приватното здравство кое, како што вели, е брзо, ефикасно, но и поскапо.

„Точно е тоа дека се губи многу време за одредени   дијагнози. Ако отидете во една од реномираните приватни   болници, ќе добиете дијагноза, ќе добиете грижа и пристапот во приватното здравство е многу почовечен, похуман. Навистина е поскапо, но многу брзо се доаѓа до   дијагноза, додека во јавното здравство платата е загарантирана и моментот на грижа кон пациентот е  опаднат“, оценува Чолакова-Дервишова.

Таа се согласува со тоа дека платите на здравствените   работници во јавното здравство треба да се поголеми, но смета дека малку поголема треба да е и грижата кон пациентите. Причините за проблемите во јавното здравство, според Чолакова-Дервишова, се лошото менаџирање со јавните здравствени установи низ годините.

„Секој министер треба да се запраша како може една приватна болница да е рентабилна и да има врвни апарати и како може во јавното здравство парите од Фондот да одат за покривање на дупките во јавното здравство“, вели Чолакова –Дервишова.

Од Министерството за здравство велат дека прават напори за да има доволно термини за пациентите. Според заменик-министерката за здравство Маја Манолева, за магнетна резонaнца на Институтот за радиологија, како институција од терцијалното здравство, се воведени т.н. урнеци за термини за одредени пациенти кои се упатуваат од друга институција.

„На пример, пациенти од Онкологија имаат свои термини во вкупниот број на термини на Институтот за радиологија или пациенти од дигестивна хирургија или неврохирургија. Практично, сите термини што се на Институтот за радиологија се за институции од другите клиники односно за институции од секундарното ниво на здравствена заштита со цел лекарите специјалисти да можат полесно да ги испратат пациентите на кои сметаат дека им е потребна соодветна дијагностичка процедура“, вели Манолева.

Според неа, евентуалното рефундирање на средствата во ситуација кога поради немање термин пациентите се принудени да одат по приватните клиники, е комплексна тема која опфаќа повеќе сегменти од функционирањето на здравствениот систем и потребен е мултисекторски пристап.

 

Блаже Дарудов

Билјана Анастасова-Костиќ

Сподели ја веста:

Маркетинг

Advertisement
Advertisement
Занимливостипред 42 минути

Најскапото шише вода продадено за рекордни 52.650 евра

Здравје и убавинапред 1 час

Шест овошја за надомест на железо и подобра крвна слика

Занимливостипред 15 часа

Музиката може да поттикне побрз раст и развој на растенијата

Македонијапред 18 часа

Ваучери од 250 евра за студенти за набавка на електронски уред и грантови за млади за старт на свој бизнис

Гостиварпред 19 часа

Во Гостивар лишено од слобода лице пријавено за ранување куче со пушка

Гостиварпред 20 часа

Насмеани дечиња го разубавија плоштадот во Гостивар-Градинките одбележуваат Детска недела

Македонијапред 20 часа

Поскапуваат горивата!

Македонијапред 21 час

Најавено покачување на платите во образование годинава

Гостиварпред 21 час

Жител на Скудриње однесен починат во болница, според пријавата паднал од дрво, партнерката сакала да ја напушти земјава

Гостиварпред 3 недели

Одбележани 80 години од злосторот во Беличица-Почит за положените животи за слободна Македонија

Гостиварпред 2 месеци

Кинолошки спектакл во Мавровско, над 200 кучиња на Меѓународната CACIB 2024 изложба

Гостиварпред 7 месеци

Света архијерејска Василиева литургија во Гостивар со гости од Србија и чин на ракоположување

Гостиварпред 7 месеци

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 9 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 9 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 10 месеци

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 10 месеци

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

Гостиварпред 1 годин

Стефановски: Гостивар одличен како домаќин и публика, благодариме од срце!

Огласи за работа:

следете нѐ и на телеграм

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена