Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!



  • Дата: 02/09/2017 | 09:30

ЕДЕН ДЕН СО: Дана Крстеска, уметник

„Во секоја слика оставам дел од мојата душа“ 

Кои се вашите утрински ритуали и навики?

Ги сакам утрата, всушност мислам дека утрата во суштина се најубавиот дел од денот. Било кое годишно време да е, таа прва средба со утрото остава најголем впечаток. Кога ме будат сончевите зраци во лето, или песните на птиците во пролет, звуците на дождот што паѓа во есен или тишините на зимските утра, првото чувство кога ќе ги отворам очите е благодарност на Бога за новиот ден. Утрата се полни со надеж и означуваат нов почеток. Станувањето ми е лесно, не сум особа што се излежува подолго отколку што спие. Сакам да станам порано, денот го почнувам со чај, ги обавувам домашните обврски, правам појадок за моето семејство. Често практикувам долги утрински прошетки, тие ме инспирираат, сакам да пешачам на кејот на реката Вардар, тоа место за мене има посебна енергија и мир, го слушам жуборот на реката, размислувам… добро се чувствувам, тоа се моменти што душевно ме исполнуваат… и сега иде најубавиот дел, дружењето и хранењето на нашето препаметно куче Јунг, неговите крупни искрени очи и поглед полн со благодарност, љубов и доверба, тоа е нешто неверојатно… навистина тој што нема куче не знае што пропушта, понекогаш во дворот со Јунг го пијам и утринското кафе, на неговата среќа му нема крај… Во глобала моите утра не се разликуваат многу од утрата на една жена, со еден збор тие ми служат да „фатам залет“ за сите обврски што ме чекаат во текот на денот. Благодарна сум му на Бога за секое ново утро и секој нов ден.

Како ви поминува еден вообичаен ден?

Многу динамично, јас како семејна жена и уметник гледам времето да го прилагодам на сите мои обврски во домот и сликањето. Недостатокот од време ми е проблем, но некако се справувам со тоа благодарение на мојот однос кон животот, работатата и креативниот „мотор“ кој ме насочува и води напред. Од неодамна имам и дополнителен ангажман во нашата галерија, така што еден дел од денот го поминувам и таму. Галеријата „Стил“ е едно прекрасно уметничко катче каде што се изложени моите и сликите на мојот син и во која луѓето што ја сакаат уметноста се чести посетители… Вечерта секако е резервирана за уметничко творештво. Има нешто во крајот на денот, во темнината, нешто инспиративно за мене… Не знам… тогаш мракот ги продлабочува формите, ги нагласува боите, мислам дека ноќта е поколоритна од денот. Тогаш се се смирува, тишината царува и музиката која е неизоставен дел од творечкиот процес оставам да ме понесе. Не можам да речам дека викендите ми се нешто поинакви затоа што моите интересирања се воглавно  исти и не ја менуваат битно содржината на моите денови.

Со што го исполнувате слободното време?

Во слободно време читам, пишувам, гледам филмови, но најчесто слободното време го користам во мојот работен простор, во светот на боите. Небитно дали денот ми бил добар или лош, кога ќе застанам пред штафелај мојот нормален свет се гасне и почнува наплив од емоции. Било да работам на веќе започната слика или почнувам ново платно, небитно… музиката, мојата голема страст и инспирација е постојано присутна и силно влијае на моите емоции. Таа на мојот сензибилитет делува магично, ме понесува, слушам и сликам… Тешко ми е рационално да го образложам тоа, таа поврзаност на сликата и звукот, односно сликарството и музиката. Секако, музиката е невозможно да се илустрира, како и литературата, затоа што линијата и боите не можат да го доловат широкото значење на зборот или звукот, меѓутоа, можно е со свој ликовен ракопис да се изрази личното доживување на она што се слуша или чита. За мене, создавањето на едно дело е посебна состојба и ме исполнува на посебен начин. Јас во секоја слика оставам своја енергија, дел од мојата душа.

Како е да се биде уметник во денешно време, колку уметноста е ценета и дали јавноста знае да прави разлика меѓу вистинска уметност и она што е комерцијално?

Не би сакала да звучам негативно, но навистина е тешко да се биде уметник во денешно време. Уметноста е потценета. Уметникот во најголем број случаеви дури не може ни да живее од својата уметност. Тоа е реалноста, тој е приморан да најде дополнителна работа и средства за егзистенција. Тоа е можеби поради преголемата невработеност и економската криза кога луѓето во недостаток на пари најпрвин се откажуваат од уметноста, нели “без слики, книги, театар се може“, мислам на тие што ја сакаат и познаваат уметноста. Така што ретко уметниците живеат од својата работа. Од друга страна живееме во „модерно“ време кога мнозинството вистинската уметност воопшто не ја препознава или ја прогласува за мртва, а знаеме дека односот кон уметноста во едно општество е показател кој укажува на степенот на неговиот развој и напредок. Во тоа се уверив и сега, откако работи галеријата „Стил“, нашата заостанатост во однос на културата и уметноста е голема, јавноста дефинитивно не разликува вистинска уметност од комерцијална, уметничка слика од принт или постер. Секоја чест на малубројните исклучоци, познавачи и љубители на уметноста. Битно е да се носи брендирана облека и чевли, се возат скапи автомобили, за слика или книга ќе почекаме, ќе видиме. Но, и покрај секојдневната безнадежност јас сепак се надевам и верувам во подобри времиња за сите нас на овие простори.

Ако треба да го опишете душевниот мир како еден момент тогаш тоа би било…?

Тоа е моментот на критичкиот осврт на делото, на крајот од творечкиот процес, кога сликата е завршена и заживува. Ете тоа ми е првата помисла на ова прашање . Но и величенственото чувство внатре во душата, присуството на Бог во животот и творештвото, за такви моменти можам да кажам дека се живее. … Еден искрен однос кон самиот себе и реален поглед кон светот и животот, затоа што сите ние тежнееме кон среќа и задоволство, тоа можеби е и природна состојба на нашето битие, не знам. Секоја душа копнее по слобода, а секој од нас робувајќи му на егото, мисли дека таквата слобода и среќа може да се постигне со поседување на објекти предмети, сетилни задоволства и нивно што пообилно конзумирање. Душевниот мир започнува во срцето… Мооџи тоа убаво го срочил. Вика: „Се изгубивме во работата, размислувањата, сеќавањата, очекувањата, заталкавме во сложените лавиринти на светските проблеми, го заборавивме она што каменот, билките, дури и животните го знаат, заборавивме како да бидеме, како да бидеме смирени и свои, да бидеме таму каде што е животот: овде и сега“.

Покрај сликарството се занимавате и со пишување, а исто така сте и вљубеник во книгите. Може ли да издвоите некој цитат од книга автор што оставил незаборавен впечаток кај вас?

Да, пишувам и сум љубител на пишаниот збор, книжевните дела длабоко ја допираат мојата душа, се почесто дури и сум инспирирана од силата на пишаниот збор. Чудни се патиштата господови, се раѓаме носејќи во себе афинитети што не можат да се објаснат, нешто исконско, нешто кое, кога-тогаш избива на површина без оглед на нашата професионална определба. И човек просто не може да се бори против тоа…

Има многу автори и книги што ги ценам и ги сметам за врв во литературата како Јесењин, Лорка, По, Меша Селимовиќ, нашиот Блаже Конески, Алигери, руските класици  и ред други…но еве, ќе го издвојам, за мене посебниот, универзаланата книжевна величина и светски признатитот Иво Андриќ.  Ова е фасцинантна мисла, краток извадок од неговата книга „Знаци покрај патот“:

„…Знаците кои ги оставаме зад себе нема да ја избегнат судбината на се што е човечко – минливост и заборав. Можеби ќе останат незабележани? Можеби никој нема да ги разбере? Па сепак тие се потребни како што е природно и потребно ние, луѓето еден на друг да се кажуваме и откриваме. Ако тие знаци не не спасат од талкање и искушенија, бар ќе не уверат дека во ништо што ни се случува не сме сами – ни први ни последни…“.

Close