После неочекуваните порази во минатото коло, петтото коло во Втората Македонска фудбалска лига – Запад, донесе позитивни резултати за гостиварските претставници во оваа лига.
Екипата на ФК Генч Калемлер, вчера на градскиот стадион во Гостивар ја совлада екипата на Кораб од Дебар со резултат 3:1. Иако, гостите први го отворија резултатот во 44 минута и на полувреме заминаа со предност од 0:1. Екипата на Топчиу, во вториот дел успеа да направи целосен пресврт. Елмир Алији го изедначи резултатот во 57-та минута, нерешено беше до пред самиот крај кога Алији со неговиот втор гол на овој натпревар во 86 минута ја најави победата. Во судиското продолжение Билали само ја потврди победата со која Генч Калемлер се искачи на првото место на табелата.
За заземањето на првото место на екипата од Долна Бањица во Втората МФЛ – Запад, придонесе и екипата на ФК Гостивар, која во истиот термин во Струга убедливо го совлада досегашниот лидер на табелата, тимот на Струга Трим Љум со резултат 1:4.
Успешно деби имаше новиот стратег на клупата на ФК Гостивар, Менга. Гостиварци му го нанесоа првиот пораз на досегашниот лидер во првенството. Во Струга први поведоа домаќините во 3 минута, имаа водство се до 44 минута, кога Скендери го изедначи резултатот и го најави пресвртот, минута подоцна Османи донесе водство за 1:2, резултат со кој заминаа на полувреме. Во вториот дел дека е во одлична голгетерска форма потврди Љавдрим Скендери со неговиот втор гол на овој натпревар за 1:3, Мифтари во судиското продолжение го постави конечниот резултат на овој натпревар 1:4.