Министерството за финансии изготви законски измени со кои се намалуваат високите трошоци за брзите кредити. Со измените, вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на 55% од кредитот, додека порано не беа ограничени и достигнуваа и до 500% од кредитот. Со измените се опфаќаат вклучително и мали кредити под 200 евра кои претходно, не беа законски опфатени, објаснуваат од Министерството.
Заменик министерката за финансии Ширет Елези ги презентираше измените на средба со претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачи Марјана Лончар.
– За да ги заштитиме граѓаните, а воедно и да го намалиме ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, ги направивме овие законски измени. Со нив се намалуваат и вкупите трошоци за кредитите. Со измена на Законот сега вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55%, или 5 пати по стапката на казнената камата од 11%. За споредба претходно не постоеше лимит, така што давателите на кредити за мали износи и куси временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума трошоци од главнината. На пример за земен кредит од 12.000 денари на два – три месеци, граѓаните требаа да вратат 36.000 денари, изјави Елези.
Текстот на законот е поставен на Електронскиот национален регистар на прописи, за разгледување и доставување предлози и коментари. Од Министерството велат дека ќе ги земат предвид и ќе ги разгледаат сите сугестии пред пуштање во владина процедура.