Живот
Милена Јовановска, поетеса: „Книгата е најдобар другар, лек за душата и психата“
Секогаш со насмевка на лицето, која се разлева и на очите, богата со позитивна енергија, убава мисла и мудар збор изговорен со смирувачки раскажувачки тон, полна со елан и во осмата деценија од животот, неуморна за нови стиховни предизвици… Вака со една реченица би ја опишале нашата соговорничка, поетесата Милена Јовановска од Гостивар, со која на големо задоволство помуабетивме за нејзината љубов кон поезијата, книгите, учествата на литературни манифестации во и надвор од земјата, добиените награди и признанија, но и животниот пат, прилагодувањето при преселбата од Белград во Гостивар, изворите на позитивноста, внуците како инспирација и вечната младост на оваа дама со светла аура…

Почетоците на пишување стихови ги има од мали нозе, уште како ученичка во основното училиште во родното Ваљево, Србија. За тоа колку и‘ значи пишаниот збор докажува и фактот што се‘ уште ја чува старата тетратката со песните што ги пишувала како дете. Педантно наредени, „навезени“ со ракопис за пример…
„Мајка ми, која инаку по потекло е од Тетово, работеше во библиотека и веројатно од таму почна мојот интерес и љубов кон книгите. Многу сакав да бидам во библиотеката, меѓу полиците со книги, ги листев, читав и точно знаев која книга на кое место е наредена, па помагав и кога некој ќе дојдеше да позајмува. Почнав да пишувам песнички кога учев во основно училиште, си ги собирав во тетратки кои си ги чувам, како спомен. Учествував и на литературни конкурси, добивав награди, пофалби и сетоа тоа ме поттикнуваше уште повеќе да пишувам и да ги засакам книгите. Средно завршив во Ваљево, по што заминав на студии по журналистика во Белград. Таму се запознав со сопругот гостиварчанец и така животот ме донесе во Гостивар, овде сум повеќе од 55 години.“, ни раскажа Милена, која својата прва збирка поезија под наслов „Побарај ме“ ја има издадено во 1996 година.
По дебитантската, почнуваат да се редат и останатите печатени дела со поезија пишувани на македонски јазик, а „Побарај ме“ е издадена и препеана на албански. Наскоро се очекува од печат да излезе нејзината најнова деветта поетска збирка по ред.
Јовановска е особено активна со учества на поетски настани, фестивали, читања во последните неколку години. Била дел од вакви случувања во повеќе градови низ земјава, Битола, Штип, Неготино, Демир Хисар и др, како и на неколку места во Србија. За својата поезија наградувана е со дипломи, признанија, плакети, медаљи, пехари, на државно и на меѓународно ниво. На манифестација во српско Ново Милошево за посебен успех и бил врачен Пасош на поетската Република. Нејзини стихови се издадени во бројни поетски антологии. Меѓу другото член е на Друштвото на писатели Ваљево и на Српско-ирачкото друштво на писатели. Но, вели дека на сите манифестации кажува дека е од Македонија и чита песни на македонски јазик.
„Секаде се претставувам како Милена од Гостивар, Македонија и читам поезија на македонски јазик. Сите тие поетски настани и дружења се многу убава работа на која се промовира пишаниот збор, се среќаваат многу поети кои творат со голема љубов и радост. Иако некогаш е тешко да се стигне до одредено место, град, па нема соодветен превоз или времето не е најпогодено, јас сум упорна и ја остварувам целта, љубовта кон поезијата е посилна од се. Книгата е најдобар другар и најдобар лек за дуѓата и за психата. Сакам да им порачам на сите, особено на помладите да читаат книги, секогаш што повеќе време да поминуваат со книгата во раце“, вели поетесата.
Откако добила внуци се инспирирала да пишува и поезија за деца, па дел од нејзините издадени дела се наменети за детската читателска публика. „Отсекогаш сум ги сакала децата, а внуците ми беа испирација да пишувам и детски песнички. Тие секогаш со задоволство и со љубопитство ме слушаат, сакаат да им читам, да им раскажувам, што навистина ме радува. Мора да напоменам дека и од самите деца може да се слушнат големи мудрости, кои ќе го натераат човек да се подзамисли. Децата се нашето богатство“, нагласува Милена. За збирката со поезија за деца „Волшебен свет“ добила златна плакета (прво место) од фондацијата Такец-Гордана Такец.
Во нејзините песни како мотив доминира љубовта, а според неа најважно е поезијата да биде искрена: “Често ми се случува да седам по цела ноќ и да пишувам до наутро, едноставно да не престанам да пишувам, една песна по друга. Мојата поезија е искрена и доаѓа од дното на душата, што мислам дека е најважно. Така е и во животот, кога правиш нешто со искреност, со љубов, тогаш може да почувствуваш вистинска среќа и усепх. На секоја работа треба да пристапиме со љубов и со насмевка, не со сила, ниту со мрзоволност“.
Низ разговорот Јовановска се присети на интересен период од својот живот, големиот пресврт кога како млада невеста од Белград дошла да живее во Гостивар.
„Тогаш се‘ беше ново и поинакво за мене, целата средина, навиките, овдешните традиции, секојдневието. Не беше лесно да се прилагоди човек, но блиските, а потоа и пријателите многу ми помогнаа. Живеевме заедно голема фамилија во Дутлок, и паметам дека одев во паркот да играм фудбал, кошарка, што тогаш беше невообичаено едно женско да игра со машките. Во Гостивар секогаш имало убав живот и соживот, убава атмосфера и големи пријателства. Многу од нив ги стекнав кога работев како банкарски службеник во Стопанска банка, каде го минав мојот работен век“, вели поетесата која цврсто е решена да продолжи по поетскиот пат, да твори и да издава пишани дела.

За тоа колку и‘ значи пишаниот збор на Милена докажува и фактот што се‘ уште ја чува старата тетратката со песните што ги пишувала како дете. Педантно наредени, „навезени“ со ракопис за пример…
За крај ќе пренесеме дел од рецензијата напишана од Томе Арсовски и Тамара Арсовска за збирката „Лулка од виножито“ на Милена Јовановска.
„Поезијата како и секое креативно творештво е интелектуална и духовна дарба, божествена искра со која природата го обдарила единствено човекот, нагласувајќи го на најубав начин неговиот хуман лик, за разлика од сите други суштества. Базичен впечаток од поетската збирка „Лулка на виножитото“ е дека во неа се среќаваме со зрела поезија од авторката со нагласена естетска норма. Овие песни се читаат со постојано разгорување на љубопитството и со постојано нова сатисфакција дека тие се инспирирани од безгранично искрени чувства, од доживеани животни радости, таги и копнежи. Таа доследна искреност и автентичност на доживеаност стануваат квалитет што го посакува не само читателот, туку и секој автор.“
-
Бизниспред 1 месец
ЛЕАР Тетово вработува
-
Гостиварпред 2 недели
Девизниот курс денес според приватните менувачници во Гостивар и НБРМ
-
Македонијапред 2 месеци
Православните одбележуваат Велики Петок, тажниот ден на распнувањето на Исус
-
Македонијапред 2 месеци
Зошто Велигден не е секоја година на ист датум – како се пресметува?
-
Македонијапред 2 месеци
Православните верници слават Благовештение
-
Гостиварпред 3 месеци
ОСМОМАРТОВСКИ СО БЕЛИНДА ТУКСАР ЛОТЕСКА, началничка на Отсек за криминалистичко разузнавање, статистика и документирање во ОВР Гостивар
-
Вестипред 2 месеци
Вo Здравствен дом Ростуше дијагностика и интервенции со современа апаратура за пациентите од цел регион
-
Македонијапред 1 месец
Здружението на историчарите бара враќање на Историјата за VI одделение