Дирекцијата за заштита и спасување одржа вонреден работен состанок и го активира Оперативното тело за справување со катастрофи, при што будно ја следи состојбата со зголемена мобилност и подготвеност на постојаниот состав на силите за заштита и спасување, поради влажниот бран и информациите од УХМР за можноста од серија обилни врнежи дожд и невреме.

Од ДЗС, предупредуваат дека доколку врнежите паднат за краток период на помали сливни површини, можни се локални излевања.

-Препорачуваме внимателно движење покрај водотеците и суводолниците, во крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде постои можност од локални излевања и можна појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овие региони, за особена внимателност од можна појава на локални излевања ги посочуваме сливовите околу планината Кожув и Гевгелиско-Валандовскиот крај, наведува Дирекцијата.

Сите активности на следење и известување за моменталната хидролошка состојба се вршат согласно Националниот план за заштита од поплави.

Силите за заштита и спасување од поплави се во оперативна состојба за нивно можно ангажирање, а во функција се и сите материјално-технички средства и опрема со кои располага ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување ги извести и предупреди своите подрачни одделенија и единиците на локалната самоуправа за потребата од преземање мерки и активности во својот делокруг.