Министерството за внатрешни работи информираше дека е ставен во функција бесплатен телефонски број 0800-00-201 и меил адреса mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, на кои граѓаните анонимно можат да пријават групирање и организирано прославување во текот на претстојните празници.
„Ова е во насока на доследно и целосно почитување на уредбите на Владата на Република Северна Македонија, односно мерките и активностите за справување со пандемијата со коронавирус. Имено, граѓаните можат да пријават (локација) и недозволено собирање на луѓе спротивно на мерките пропишани за справување со пандемијата. Полицијата ќе постапи по пријавите и ќе преземе мерки во координација со јавното обвинителство за санкционирање на непочитувањето на мерките и препораките кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести односно Одлуките кои ги носи Владата на Република Северна Македонија. Министерството за внатрешни работи ја цени заложбата на граѓаните во насока на спречување на пандемијата и зачувување на јавното здравје и уште еднаш смета на партнерската улога која ја имаат граѓаните со полицијата.“, соопшти МВР.
Во пресрет на претстојните празници МВР уште еднаш апелираше до граѓаните да се воздржат од групни собирања и прослави, да ги почитуваат мерките на Владата, а се со цел заштита на индивидуалното и јавното здравје.