Македонија
Од утре нема веќе „гарантирана цена“ на прехранбените производи
Мерката за гарантирана цена на дел од прехранбените производи, како лебот, млекото, јогуртот, тестенините,…, дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалаци и пивото од утре нема да важи. Истекува и рокот на владината одлука со која беа намалени увозните давачки за зеленчукот. Институциите најавуваат засилени контроли за да се интервенира во случај на драстично поскапување на производите, со оглед дека законот за нефер трговски практики, со кој се очекува да се амортизира состојбата, се уште не е изгласан.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера порача дека секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни.Тој повика да реагираат Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачи и повтори дека најсоодветно решение е да се изгласа законот за нефер трговски практики.
-Замрзнувањето на цената е една од мерките која не содветствува со пазарната економија, треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а секако останува на бизнисмените да се однесуваат соодветно. Државниот трудов и Државниот пазарен инспекторат веќе од заутре ќе бидат на терен и за секое евентуално зголемување на цените коишто излегуваат од секоја нормална пазарна логика, соодветно ќе реагираме. Тоа нема да значи дека ако во Собранието нема разум за носење закон за нефер трговски практики, ние нема да реагираме, изјави Битиќи.
Министерството за економија веќе се изјасни дека нема да биде продолжена мерката за гарантирана цена. Очекува со законот за нефер трговски практики, што по скратена постапка е во собраниска процедура и ја помина првата фаза во комисиите, да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
Голем број прехранбени производи означени со „гарантирана цена“ од 20 септември се продаваа во маркетите по цена за 10 проценти пониска од износот на 1 август лани, согласно одлуката на Министерството за економија, чија важност истекува утре.
Одлуката се однесуваше на: ориз бел, во пакување од 900 g до 1kg; брашно пченично тип 400 и тип 500; бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 g (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите; други пекарски производи; бисквити „Petit Beurre“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 g; наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 g; тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 g; јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел; свинско месо без коски, од бут или некој друг дел; мелено месо свинско и јунешко; пиле свежо или замрзнато (цело); пилешки стек свеж или замрзнат; чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување; пилешка посебна салама (без слајс пакување); паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 g; трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l; јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l; кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g; павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g; традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци); традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци) и свежи јајца од кокошка.
До утре е во сила и Одлуката за изменување на одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало што се однесува на: светло пиво во пакување од 1,5 l во шише; газирани пијалаци (сокови) во пакување над 1 l во шише; негазирани пијалаци (сокови) во тетрапак пакување и минерална, газирана и негазирана природна изворска вода во пакување над 1 l во шише. Завршува важноста и на одлуките за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук според која применливата царина е 10 отсто за кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан и тиквици, како и за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки и за кои применливата царина е 10 отсто.
-
Гостиварпред 2 месеци
Инцидент во маркет во Гостивар
-
Македонијапред 2 месеци
Невработените со можност за бесплатни обуки и полагање за возачки дозволи за камион и автобус
-
Светпред 2 месеци
Во Словенија нови правила за странци за постојан и привремен престој
-
Гостиварпред 2 месеци
ПАТЕПИС: Во прегратките на Кораб – Светилиштата како вечност
-
Македонијапред 3 месеци
Ваучери од 250 евра за студенти за набавка на електронски уред и грантови за млади за старт на свој бизнис
-
Рецептипред 3 месеци
Домашна кремаста пилешка паштета – брз и едноставен рецепт
-
Вестипред 2 месеци
УЈП со важно известување за корисниците на МојДДВ
-
Гостиарскипред 2 месеци
Гостиварецот Деан Поповски победник во уникатното голф дерби во Белград