fbpx
Поврзи се со нас

Интервју

Интервју: Боге Димитриески, професор по македонски јазик, лектор, автор: „Така се зборува во Гостивар“

Објавено

на

 

Драги читатели, почнувајќи од денес, Гостиварпрес секоја недела ќе објавува делови од една интересна книга со наслов „Така се зборува во Гостивар“ од нашиот сограѓанин Боге Димитриески. Димитриески е професор по македонски јазик и автор на повеќе книги и статии од областа на јазикот. Покрај книгата „Така се зборува во Гостивар“, автор е на „Зборовник на компјутерски термини во македонскиот јазик“ и „Rozmówkipolsko-macedońskie”(Полско-македонски разговорник), како и лектор на повеќе книги и научни трудови. Со цел да ви ја доближиме содржината на книгата и да ја разбудиме вашата љубопитност со него поразговаравме за подготовките, создавањето на делото и за карактеристиките на гостиварскиот говор.

1.Како се роди идејата и од каде потребата за создавање на книгата „Така се зборува во Гостивар“?

Книгата „Така се зборува во Гостивар“ е втора книга од серијата „Така се зборува во Македонија“, проект на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (првата книга од серијата беше „Така се зборува во Охрид“, објавена во 1999 год.) Раководителката  на проектот, проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, дошла на идеја за серија во која ќе бидат опфатени говори на непосредни родени зборувачи од градовите во Македонија како некој вид еволуција на проектот „Македонскиот јазик од 1945 до 1995 година“.

Идејата (и целта) на серијата беше тонски да се снимат говорите на постари македонски зборувачи во градовите во Македонија и автентично да се претстават запишани на хартија, како сведоштво, пред сè, за јазикот употребуван во градот од родените гостиварци (гледан од фонетска, морфолошка, синтаксичка и од лексичка гледна точка) во нивното време на живеење и да послужи за понатамошни научни истражувања на говорниот јазик во градовите. Втората цел на серијата, а воедно и на книгата „Така се зборува во Гостивар“ произлегува од содржината на исказите на раскажувачите: да се остави печат за едно време во коешто тие живееле, како еден сегмент од историјата на градот во кој живееле.

2.Што содржи книгата?

Книгата „Така се зборува во Гостивар“ на 199 страници содржи автентични искази на раскажувачи, постари жители на Гостивар (најчесто) родени во градот, коишто раскажуваат за различни теми од нивниот и од животот на градот. Таа е поделена на тематски содржини според исказите на раскажувачите запишани во книгата. Ќе наведам неколку теми за коишто раскажувачите зборуваат: гостиварската чаршија, Гостивар пред и по Втората светска војна, животот во Гостивар некогаш и денес, занаетите, обичаите во градот и други теми поврзани со градскиот живот и односите меѓу луѓето. Темите, надвор од јазичната анализа на говорот на раскажувачите, сами по себе се интересни за читателите со нивната содржина, бидејќи оставаат белег на едно време во коешто живееле раскажувачите. Според моето мислење, книгата добива повеќе на вредност како што одминува времето – станува вреден документ за нашиот град, за неговата историја, за гостиварците воопшто.

3.Колку време ја подготвувавте и каков беше процесот на собирање на материјалот?

Најпрвин мора да кажам дека со особена чест и задоволство ја прифатив поканата на проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова да бидам дел од проектот за градските говори во Македонија. Тонското снимањето на раскажувачите траеше од август 1999 до февруари 2000 година. Потоа следеше пренесувањето на снимените тонски искази на раскажувачите од аудио касети на хартија. Бидејќи во тоа време (од 1997 до 2001г.) бев лектор по македонски јазик на Катедрата по бугарска и македонска филологија при Институтот за словенска филологија на Јагјелонскиот универзитет во Краков, Полска, имав доволно време да го подготвам материјалот за печатење и покрај работните обврски на Универзитетот. Веќе во ноември 2000 г. материјалот беше спремен за печатење, пратен во Скопје и отпечатена е книгата во издание на Филолошкиот факултет во Скопје во декември 2000 г.

Беше навистина задоволство да им бидам гостин на раскажувачите, кои искрено и отворено ги кажуваа своите животни приказни во книгата. И тоа беше потешкиот дел од работата: да се пронајдат стари гостиварци, родени во градот и што ќе сакаат да раскажуваат за својот град. Дел од нив не се родени во Гостивар, но од многу мала возраст живеат во градот. Од раскажувачите, петнаесет на број, само шестмина се родени во градот. Најмладиот од нив е роден 1937, а најстариот е роден 1912 година.

4.Како познавач, може ли да издвоите неколку главни карактеристики на гостиварскиот говор, нешто по што е единствен?

Гостиварскиот говор е дел од западномакедонското наречје и е прилично близок до стандардниот македонски јазик. Тој ги содржи особините на западното наречје, како на пример: акцент на третиот слог од крајот на зборот (Гòстиар); акцентски целости (не-гò-виде, Железнà-Река). Меѓутоа, содржи и голем број јазични карактеристики што се својствени на западномакедонските говори. Ќе наведам неколку од нив:темниот вокал (полувокал) ă (рăка, кăде); овој темен вокал се јавува и како придружник на старословенското вокално л (пăлно, вăлк). Во гостиварскиот говор е карактеристично испуштање на интервокалното в (Гостиар, чоек); испуштање на согласката од заменските форми, како ’и виде (ги виде), ’а носеше (ја носеше) и сл. Карактеристична е појавата на долги вокали, најчесто по испуштањето на интервокалното в (Маврō, дēјка, глāта). Исто така, карактеристична е и употребата на полумекиот консонант л’ (тол’ку, недел’а). Како особености на гостиварскиот говор се јавуваат и испуштањето на самогласките од предлозите (д’ овде), од кратката заменска форма се (с’ удри), од партикулата ќе (ќ’ одевме) и сл. Редовна е и употребата на наставката –т во трето лице еднина сегашно време (играт, носит). Сепак, според мене, најкарактеристичен збор за гостиварскиот говор е сочио(грав).

На крај, ви благодарам за вниманието што и` го посветивте на книгава и се надевам дека ќе придобие уште повеќе читатели што ќе откријат многу интересни содржини во неа.

Љупка Антеска

„Така се зборува во Гостивар“

Гостивар и гостиварци низ времето

Околу имаше све дуќани, кујни народни, со тенџериња, тепсии земјени, со штá-јá-знâм, со огништа, кебапчилници. Имавме и двá-три реда касапници бетонски. Туе близу јазот, општината стара туека исто беше. Дворот постоит и ден-дéнеска. И сē, како што се руши џамијата се напраи туека тōǎ плоштад на Гостивар. Се руши и ке што е „Електро Маврово“, стрезот бивши. Жандармеријата бивша (од Крáлевина мислам, не бивша Југославија, Кралевина таа Југославија) постоит реновирана, сâт станови. А каршија туе беше амамот бањата на Гостиар, турски остаен, со базен и со тушои и со неколку кади. Дали печес имаше кади? Богами сум одел и` ја со жената, ете тō. Немало овдека водоводи, мрежи, штá-јá-знâм и таке. После се најде еден паметен чоек од Америка, прати не се сеќам, пет илјади долари да се напраит една бања. И тија пари се искористија, се напраи во паркот. Е, тија пари се искористија, се напраја, се слика тā бања, му се прати фотографија на тој човек што даде пари. (Темелко Софрониески, 1930)

Да ви кажам, во Гостивар беше така, како една топка. Толку мал беше. Мие овја дел сега кај што се навоѓат куќава ваша, зимно време во осум саатот овде вǎлците јадеа. Мостон го пројде-готов си! Ако не змаш ноќум снегот е голем, вǎлци т` изедоа! Ова, куќине, пред мостон што се онде, што се оние, Циганите, тоа беше све еден камењарник. Тоа Вардар коа ќе се разлиеше, туе дење се бањавме мие, дечишта. Ама, нé-беше загаден Вардар. Немаше клозети испуштано вó-него. Тоа беше стакло, милина; да пиеш вода. Мие колку пǎти, немат кǎде-шлап, глāта пикни ја и напи се óд-Вардар вода. Ако немаше што. Старите викаат: дванаесет камчиња пројдуат мочката што се помокало мачето, кучето, вика.

 Меѓутóа, исто така ќе Ви кажам, кǎсǎрната, улица ЈНА. Дебарска улица тогај се викаше. Е, таа улица до кǎсǎрната нагоре имаше една трошарина тука. Туе по торниците, и стално, имаше дежурен човек што наплаќаше трошарина на селаните кои идеа во град да продаваат млеко, урда, сирење, телиња, крави, говеда…Како и дâ е, им наплатуваше трошарина. Како на место сега, одиш на сточни пазар, влагаш внâтра – ти се наплаќат. А тоагј трошарината беше тамо, на излезот на градот и не смееш да излезеш, се наплаќат. (Манојло Канчевски 1937)

Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Популарно изминативе 100 дена

error: Содржината е сопственост на Gostivarpess.mk!