Живот
Ивица Срезоски, пример од Гостивар дека борбата за здравје не треба да престане

„Големо благодарам до сите граѓани, поединци, фирми кои ме поддржаа и помогнаа да успеам во својата цел, да го соберам потребниот износ за третманот со матични клетки во Кина. Иако е рано за конкретни резултати, се надевам дека ќе биде успешно и дека ќе се случи тоа што го кажаа лекарите, дека мојата состојба значително ќе се подобри. Треба време од три до шест месеци матичните клетки кои ми ги инјектираа да се активираат во организмот. Сега за сега, мислам дека имам мал напредок со рацете, додека во нозете немам почувствувано. Единствено може да кажам дека полесно ми е кога слегувам по скали. Времето ќе покаже , но јас се надевам дека ќе биде многу подобро“, ова се зборовите на гостиварецот Ивица Срезоски кого го посетивме во неговиот дом еден месец по третманот со матични клетки во Кина, зафат кој треба да му донесе нов поубав живот.
Со болеста на Ивица, спиноцеребрална атаксија, гостиварската јавност се запозна летово, кога беше пуштен првиот апел за донации, преку телефонски броеви и на жиро сметка. Следуваа бројни хуманитарни акции и настани во кои се вклучија голем број граѓани. Во период од шест месеци Ивица успеа да ги собере потребните 19 илјади долари за да ја оствари својата цел, да замине на лекување во Кина. Овој млад гостиварец е позитивен пример дека борбата за подобро здравје не престанува, дека никој не треба да се откаже, напротив треба да се биде упорен и издржлив.
„Во Кина бев од 5 до 14 декември. Многу добро бев прифатен и згрижен. Имав посебен тим кој беше задолжен само за мене како пациент. Соработката беше одлична, добивав совети, ме упатуваа што се треба да направам, вистински професионалци. На 7 декември ја добив првата инекција со матични клетки и тоа беше помал шприц за да проверат како ќе реагира телото, па правев разни вежби, ми вршеа анализи на крвта и слично. Другите две инекции ги примив после шест односно осум дена. Од нив имав реакција на поспаност и замор. Поради тоа знаеше да ми се јави сомнеж и ги прашав лекарите што ако нема успех третманот, како понатаму, дали може да се повторува. Но, тие беа убедени дека ќе почнам да се движам, дека клетките за време од 3 до 6 месеци ќе се активираат и ќе имам, како што проценија до 50% подобрување“, вели Ивица.
На сите оние кои се соочуваат со здравствени проблеми, а немаат доволно пари за лекување и им треба помош Срезоски им порачува: „Да бидат упорни и сами да трчаат насекаде да бараат донации, да упатуваат апели и молби. Да не оставаат тоа други да го прават за нив. Затоа што ефектот кај луѓето е еден кога некој бара пари во име на друг, а поинаков кога човек ќе те види дека се ангажираш и сам бараш пари. Тогаш луѓето знаат и да се поврзат со тебе и да се отворат и да соработуваат“.
После третманот во Кина, пред Ивица стојат нови предизвици во однос на посебен режим на исхрана, повеќемесечна терапија со одредени лекови и друго. Тој вели дека е целосно подготвен, а енергијата и мислите ги насочува кон подобро заздравување. Се надеваме дека ќе биде така како што ни вети, кога ќе застане цврсто на нозе, првата прошетка низ Гостивар да ја направиме заедно.
-
Гостиварпред 4 недели
Се потсетуваме, најсреќните на Водици во Гостивар кои го извадија крстот од Вардар
-
Македонијапред 3 месеци
Невработените со можност за бесплатни обуки и полагање за возачки дозволи за камион и автобус
-
Гостиварпред 3 месеци
ПАТЕПИС: Во прегратките на Кораб – Светилиштата како вечност
-
Вестипред 3 месеци
УЈП со важно известување за корисниците на МојДДВ
-
Вестипред 3 месеци
Преку „е-услуги“ вадење имотен лист за неколку секунди
-
Македонијапред 3 месеци
Комплетна листа на неработни денови во 2025-та година
-
Што, како, каде?!пред 1 месец
„Пица & Бургер БЕЈБИ“ – Ново уникатно место за добра храна и забава во Гостивар
-
Рецептипред 3 месеци
Крем супа од тиква и морков – топло, вкусно и хранливо