Советот на Гостивар денес за прв пат од почетокот на пандемијата се собра во општинската сала и одржа седница со физичко присуство. Претходните неколку заседавања се организираа онлајн. Во салата денес, дојдоа 29 советници, се подразместија во седењето за да се направи обид за дистанца, задолжително беше носењето на маски и дезинфекција, а беше дадена и пауза за проветрување на просторијата.
На дневен ред се најдоа дваесетина точки од областа на финансии, урбанизам, образование и друго.
Советниците го усвоија извештајот за буџетот за вториот квартал, кој ги опфаќа месеците најпогодени од ковид пандемијата кога имаше карантини, полициски час и угостителите не работеа.
Поминаа и измените и дополнувањата на Планот за вработувања во Општина Гостивар за 2020-та година, како и Планот за вработувања за 2021-ва.
Советниците на денешната седница изгласаа одлука за финансиска поддршка за музичкиот фестивал Парк, во висина од 230 илјади денари. Фестивалот ќе се одржува од 3 до 6 септември, на отворено, на локација во градскиот парк. Се усвои и одлука за доделување на финансиски средства во висина од 300.000 денари на Тв Глоби за документарна емисија.
Советот даде зелено светло и на одлуката за формирање на нова градинка во состав Јавна Установа “Детска Радост”, што се наоѓа во дел на објектот на ОУ “Мустафа Кемал Ататурк” во Долна Бањица.